Пролетта пристигна! Чиста околина е наша заедничка одговорност
21 март 2026

Еј млади ентузијасти за чиста животна средина,
Пролетта пристигна! Сончевите денови не повикуваат надвор, парковите позеленуваат, а денот е полн со позитивна енергија. Но, како што се будат цвеќињата, така, за жал, на многу места се „буди“ и нешто многу помалку пријатно: скриени диви депонии или новосоздадени купчиња ѓубре.
Сите ние, многу често ја слушаме фразата „Го сакам мојот град“. Но, кога ги гледаме истите тие луѓе како фрлаат пластични шишиња или пикавци на улица, треба да се запрашаме: На каква љубов мислат?
Оваа пролет, сакаме да ја испратиме најважната порака за нашата еколошка свест:
Љубовта кон градот не се докажува со убави зборови или фотографии на социјалните мрежи. Таа почнува со нашите секојдневни избори. Таа почнува од нас самите.
Градот не е слика, тоа е местото каде живееме – не е доволно само да му се восхитуваме, туку треба и да се грижиме за него. А таа грижа почнува со најосновната работа: не фрлајте ѓубре каде што не треба.
Борбата против дивите депонии е ТЕШКА, но не е НЕВОЗМОЖНА!
Дивите депонии се последица на недостаток на одговорност и чувство на неповрзаност со заедницата. И додека надлежните имаат своја улога, ние, граѓаните, сме тие кои први треба да кажеме стоп на нелегалното депонирање.
Оваа пролет, ајде да бидеме поинакви! Ајде да бидеме генерацијата која ќе ги смени навиките.
Наместо да фрлиме шише на улица, да го носиме со себе до првата канта.
Наместо да се преправаме дека не го гледаме купчето ѓубре во паркот, да го подигнеме и фрлиме во најблискиот контејнер.
Наместо да се жалиме дека градот е валкан, да направиме нешто во врска со тоа.
Млади, СТАНЕТЕ И ВОДЕТЕ!
Овој месец, на почетокот на пролетта, ве повикувам да се приклучите на акциите за чистење на околината водени од млади активисти! Не е важно дали ќе чистите пет минути или пет часа. Секоја пластична кеса, секој пикавец, секоја лименка што ќе ја кренете е победа за нашиот град.
Акциите за чистење не се само работа, туку и начин да се поврземе, да се запознаеме, да се забавуваме и да се чувствуваме корисни. Кога заедно правиме нешто добро за градот, се создава чувство на заедница и гордост.
Запомнете: Чиста околина е наша заедничка одговорност!
Сподели на социјалните мрежи
Активностите се во рамки на проектот Еко Аларм се реализирани од тим на млади предводени од Павел Николоски, со поддршка од Здружението на граѓани Граѓански патеки Битола, во рамки на EU Youth Empowerment Fund (партнерството на Европската унија со најголемата светска младинска организација „The Big Six“), и е имплементиран преку Global Youth Mobilisation.
Проектот е финансиски поддржан од Европската унија.