ЕКО ЖУРНАЛ

Од гардеробер до депонија: Текстилниот отпад е закана за околината

10 март 2026

Сите го сакаме чувството на нова облека, но дали некогаш сте се запрашале каде завршува вашата омилена маица кога ќе ја фрлите во контејнер? Наместо да стане суровина за нешто ново, најчесто завршува како дел од планините ѓубре на нашите диви депонии.

Текстилниот отпад е еден од најголемите предизвици на денешницата, а правилното управување со него не е само „тренд“, туку клучен дел од циркуларната економија кој може драстично да го намали притисокот врз животната средина.

ЕУ наспроти Македонија: Бројките не лажат

Додека Европа веќе гази во насока на рециклирање, кај нас сликата е прилично сива. Податоците од Европската Унија покажуваат дека секој жител создава околу 11 килограми текстилен отпад годишно.

Од оваа количина:

  • ● 38% се реупотребува;
  • ● 22% се рециклира.

Сепак, дури и во ЕУ, значителен процент сè уште завршува на депонии или се согорува. Но, што се случува кај нас?

Во Македонија, ситуацијата е алармантна. Реупотребата на текстилот е под 5%, додека рециклирањето речиси и да не постои. Наместо да го вратиме текстилот во системот, ние го фрламе, со што директно придонесуваме за создавање нови диви депонии кои ја трујат почвата и водите.

Зошто транзицијата е толку бавна?

Главните пречки се:

  • ● Немаме доволно контејнери и центри за собирање текстил.
  • ● Потребна е подобра врска меѓу локалната и централната власт.
  • ● Сè уште многумина не знаат дека текстилот може да се рециклира.

Потенцијал за зелена иднина

Добрата вест е дека имаме огромен потенцијал! Со вистински инвестиции, едукација и цврста соработка меѓу државата, општините, компаниите и нас – граѓаните, Македонија може да воспостави одржлив систем. Ова не само што ќе ги следи европските стандарди, туку ќе донесе и нови економски и социјални придобивки, односно нови „зелени“ работни места!.

Време е да престанеме да ја „облекуваме“ природата во нашето ѓубре. Секоја реупотребена маица е една депонија помалку!

Што мислите вие? Дали би донирале или рециклирале облека доколку имате контејнер во вашето маало? Пишете ни!

Сподели на социјалните мрежи

Активностите се во рамки на проектот Еко Аларм се реализирани од тим на млади предводени од Павел Николоски, со поддршка од Здружението на граѓани Граѓански патеки Битола, во рамки на EU Youth Empowerment Fund (партнерството на Европската унија со најголемата светска младинска организација „The Big Six“), и е имплементиран преку Global Youth Mobilisation.
Проектот е финансиски поддржан од Европската унија.

Покровители на проектот Еко Аларм: