ЕКО ЖУРНАЛ

Секој граѓанин може да пријави еколошки проблем на ecoalarm.mk

12 мај 2026

Активностите во рамките на еколошкиот проект „Eco Alarm“ продолжуваат со полн ек, овојпат фокусирани на еден од најгорливите проблеми во регионот – нелегалното одлагање отпад. Младите активисти од Пелагонискиот регион веќе се на терен и активно ги мапираат дивите депонии, но организаторите нагласуваат дека во оваа битка за чиста животна средина е потребна помош од секој поединец.

Со цел да се создаде прецизна и сеопфатна еколошка мапа, во функција е ставена веб-платформата www.ecoalarm.mk. Преку неа, процесот на пријавување е целосно отворен и достапен за јавноста – сега секој граѓанин кој ќе забележи дива депонија или еколошко жариште во Пелагонија може едноставно и брзо да го пријави локалитетот.

Собраните податоци и мапираните точки ќе служат како јавен аларм за заедницата, но и како клучна основа за понатамошни акции за чистење и соработка со надлежните институции кои се задолжени за менаџирање со отпадот.

„Чистата животна средина е наша заедничка одговорност, а дигиталните алатки ни даваат моќ на сите нас да бидеме чувари на природата. Ги повикуваме сите граѓани на Битола и Пелагонија да бидат нашите очи на терен. Кога ќе забележите депонија, не поминувајте покрај неа – пријавете ја на ecoalarm.mk“, порачуваат младите активисти. Проектот „Еко аларм“ е поддржан од Фондот за зајакнување на младите (Youth Empowerment Fund), Глобалната мобилизација на млади (Global Youth Mobilization - GYM) и Европската Унија (ЕУ), во партнерство со големите глобални младински мрежи. На овој начин, преку спој на технологијата и граѓанскиот активизам, младите од Пелагонија го трасираат патот кон позелена и поодржлива иднина.
Сподели на социјалните мрежи

Активностите се во рамки на проектот Еко Аларм се реализирани од тим на млади предводени од Павел Николоски, со поддршка од Здружението на граѓани Граѓански патеки Битола, во рамки на EU Youth Empowerment Fund (партнерството на Европската унија со најголемата светска младинска организација „The Big Six“), и е имплементиран преку Global Youth Mobilisation.
Проектот е финансиски поддржан од Европската унија.

Покровители на проектот Еко Аларм: